Sarp Özer
29 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
ХАТAЈ
Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, придружуван од началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, Умит Дундар, командантот на Воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, и командантот на Морнарицата, адмирал Аднан Озбал, вчера отпатуваа во Хатај за да извршат увид во граничните единици, јавува Агенција Анадолија (АА).
На аеродромот во Хатај делегацијата на Турските вооружени сили (ТСК) на чело со министерот Акар беше пречекана од 2. командант на Армијата, генерал-полковник Синан Јајла, и други официјални лица. Акар потоа замина за Рејханли, каде што ги посети единиците во регионот на нултата точка од границата, при што имаше состаноци со командантите.

На критичниот состанок на кој се разговараше за случувањата во северниот дел на Сирија и за настаните во Идлиб, Акар истакна дека Турските вооружени сили (ТСК), од копно, море и воздух, ги исполнуваат своите должности за заштитата на мирот, безбедноста и суверенитетот на Република Турција и удобноста на благородниот народ.
Наведувајќи дека ТСК како и досега и понатаму ќе продолжат да ги исполнуваат своите должности со решеност, Акар рече дека сите активности на Турските вооружени сили како во земјата, така и преку границата, се во согласност со законите, меѓународното право, конвенцијата на ОН и билатералните договори.
„Во Ирак и северна Сирија нашата единствена цел се терористите и терористичките организации. Ние се бориме против нив. Не правиме дискриминација против етничките и верските групи. Ние апсолутно не водиме никаква операција против Арапите, Курдите, Арамите, Халдејците, Евреите, христијаните“, нагласи Акар.

Истакнувајќи дека од една страна ги штитат границите, а од друга страна работат на тоа да не дозволат создавање терористички коридор јужно од границата на Турција, Акар рече: „Операцијата „Извор на мирот“, која беше реализирана со инструкциите на почитуваниот претседател, целосно го уништи терористичкиот коридор. Рековме дека нема да дозволиме да се формира терористички коридор и не дозволивме. Од друга страна, ние правиме сè што е во наши раце за да се создаде мировен коридор.“
Посочувајќи на договорите постигнати со САД и Русија, Акар истакна: „Ние стоиме зад нашите ветувања и детално ги исполнивме. Очекуваме САД и Русија да стојат зад нивните ветувања и да ги исполнат ветувањата од договорот.“
- Случувањата во Идлиб
Осврнувајќи се на последните случувања во Идлиб, Акар рече: „Турција ден и ноќ вложува напори за да се спречи човечката трагедија таму.“
Акар, истакнувајќи дека посветено работат за да се ублажи болката и катастрофата во регионот, додаде:
„Ние ги продолжуваме нашите активности за да осигуриме безбедност на луѓето овде и барем да ги исполниме нивните основни потреби. Но, и покрај сите ветувања и договори, режимот продолжува да напаѓа невини луѓе. Има многу невини луѓе, вклучително и деца, стари лица и жени што ги губат своите животи. Се обидуваме да сториме сè што е потребно за да се стави крај на овој масакр“, нагласи Акар.

- „Третите страни треба да.....“
Покрај тие активности, Акар се осврна и на Меморандумот за разбирање потпишан со Либија.
„Тоа е еден потпис меѓу Турција и Владата за национално единство (UMH), која е меѓународно признаена. Значи дека двете страни имаат право на суверенитет и независност. Има само нешто што можат да направат третите страни во врска со Меморандумот, а тоа е да ја почитуваат донесената одлука. Тука нема никакво непочитување на меѓународното право“, рече Акар.

- Терористички напад во Сомалија
Акар, исто така, се осврна и на терористичкиот напад во Могадишу, Сомалија, каде што животот го загубија 80 лица, меѓу кои и двајца турски државјани.
„Силно и со омраза го осудувам терористичкиот напад против нашите невини браќа во Сомалија. Ние секогаш укажуваме дека сме со нашите браќа и сестри од Сомалија. Посакуваме итно заздравување на повредените, и посакувам милост од Бога за двајцата наши граѓани и за сите сомалиски браќа“, нагласи Акар.
Министерот Акар на крајот од својот говор им ја честита Новата година на сите припадници на Турските вооружени сили (ТСК).