Tevfik Durul
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција ја оценија за неприфатлива одлуката на властите на Соединетите Американски Држави (САД) за одобрување на барањето за пуштање на условна слобода за Хампиг Сасунјан, кој издржува доживотна затворска казна за убиството на генералниот конзул на Турција, Кемал Арикан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Терористот Сасунјан е осуден на доживотна затворска казна откако на 28 јануари 1982 година во Лос Анџелес го уби турскиот конзул Арикан.
Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека и покрај вложените напори тоа да се спречи, вчера надлежната институција во Калифорнија го одобрила барањето за пуштање на условна слобода за Сасунјан.
„Најостро ја осудуваме и ја отфрламе таа одлука која треба да ја одобри и гувернерот на Калифорнија и за која е можно да се подигне жалбена постапка“, се наведува во соопштението.
„Одлуката со која се отвора можноста убиецот на турскиот дипломат да излезе на слобода е спротивна на современите правни норми и начелата за соработка во борбата против тероризмот“, се додава во соопштението.
Од Анкара се противат на прифаќањето на барањето за условна слобода затоа што Сасунјан убиството го изврши во терористички напад извршен од омраза кон Турците и Турција, што се наведува и во пресудата на судот што убиецот го осуди на доживотен затвор. Во соопштението се потсетува дека Сасунјан не се покајал за убиството.
Ерменските терористички групи со напади убија најмалку 58 државјани на Турција, меѓу кои 31 дипломат.
„Турција ќе ги искористи сите правни можности да го спречи спроведувањето на таа неодговорна одлука, донесена во екот на пораст на насилството од омраза и во период кога е потребна сѐ поголема солидарност на меѓународната сцена“, се наведува во соопштението.