Ahmet Furkan Mercan,Canberk Yüksel
26 Февруари 2017•Ажурирај: 27 Февруари 2017
МАНИСА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека Турција е задоволна од позитивните сигнали испратени од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со екстрадицијата на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи дека официјална Анкара агилно работи на процесот поврзан со претходно упатеното барање за екстрадиција на водачот на терористичката организација, која во јули минатата година изврши обид за воен удар во Турција, Куртулмуш рече дека новата американска администрација праќа позитивни сигнали.
„Гледаме дека нашиот труд носи одреден напредок, или во најмала рака, гледаме дека индолентноста на претходната администрација на Барак Обама е зад нас. Ние го поздравуваме тоа и се надеваме дека резултатите ќе следат“, рече Куртулмуш.
Куртулмуш исто така се осврна и на соработката на САД со терористичката група ПЈД/ЈПГ која е сириски огранок на терористичката организација ПКК, и со која САД соработува во борбата против ДЕАШ.
„САД мора да одлучи дали сака да соработува со терористичка група од три или пет илјади терористи или сака да соработува со политички и економски стабилната Турција, со популација од 80 милиони. Тие мора да го направат тој избор, а ми се чини дека сè повеќе се согласуваат со нас“, порача Куртулмуш.