Merve Yıldızalp
31 Октомври 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
АНКАРA (АА) - Вицепремиерот на Турција и портпарол на владата на Турција Нуман Куртулмуш изјави дека посетата на турскиот министер за правда Бекир Боздаг на Вашингтон „значително го забрзала“ процесот поврзан со турското барање за привремено притворање и екстрадикција на Фетула Ѓулен, основачот и водачот на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа не значи дека утре наутро САД ќе ја донесе одлуката за притворање и екстрадикција на лидерот на ФЕТО, но сакам да кажам дека процесот е значително забрзан. Можам да истакнам дека благодарение на посетата на САД од страна на почитуваниот министер, конкретизирана е соработката и забрзан е процесот поврзан со барањето за екстрадикција“, рече Куртулмуш.
Вицепремиерот Куртулмуш истакна дека на состанокот најмногу ќе стане збор за внатрешните и надворешни безбедносни прашања со кои Турција се среќава.
Тој нагласи дека Турција истовремно води борба против терористичките организации ПКК, ДЕАШ и ФЕТО, истакнувајќи дека постои можност за интензивирање на заканите на овие организации кон Турција.
„Додека Турција истовремено го зголемува своето учество на теренот во Сирија и додека продолжуваат напорите за остранување на можностите и способностите на терористичките организации во Турција и надвор од неа, постои веројатност за зголемување на терористичките закани на овие организации кон Турција“, рече Куртулмуш.
На крајот тој истакна дека секојдневно се зголемуваат можностите и способностите на безбедносните сили на Турција во борбата против тероризмот.
„Турција нема да му остане должна на тероризмот и оваа борба ќе ја продолжи решително и силно“, изјави за новинарите вицепремиерот на Турција и портпарол на Владата на Турција Нуман Куртулмуш.