Erbil Başay
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
БЕРЛИН (АА) - Министерот за ЕУ и главен преговарач на Турција, Омер Челик, во рамките на посетата на Германија во врска со контактите меѓу двете земји, престојува во главниот град Берлин, каде што одржа прес-конференција за претставниците на медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Челик изјави дека за време на состаноците се соочувале со многу тажни информации: „За жал, во моментов во Алепо, пред очите на целиот свет, пред сите модерни институции се врши голем геноцид врз еден народ“.
Министерот Челик потсети дека никој по геноцидот во Сребреница, Босна и Херцегвина, не помислувал дека ќе биде можно нешто слично.
„Се мислеше дека светот ја научил лекцијата по геноцидот извршен во Сребреница, во БиХ. Таму пред очите на војската на ОН беа убивани недолжни луѓе и никој ништо не направи. Секоја година, Република Турција на државно и министерско ниво е дел од комеморацијата по повод годишнината од геноцидот во Сребреница. Продолжуваме да ја споделуваме тагата со граѓаните на БиХ.
Во минатото и јас учествував на една комеморација. Навистина се пронаоѓаат нови гробници. Иако измина толку време, народот сѐ уште страда и ги бара своите најблиски, со надеж дека ќе го најдат барем нивниот гроб.
„Сега слична ситуација имаме во Алепо“, истакна министерот Челик и додаде дека се врши масакр пред очите на ОН и светските модерни институции. Министерот Челик зборуваше за отворање на хуманитарен коридор за кој се залага Турција, со кој ќе се овозможи невините цивили да го напуштат местото.
„Но отворањето на коридорот постојано се саботира. Сега и цивилниот конвој е нападнат, што значи дека повторно е прекинато примирјето. Всушност, ниту постоеше некаков вистински прекин на огнот. Постојано се воспоставува прекин на огнот, примирје, но за кусо време се прекршува. Спроведувањето на еден ваков масакр пред очите на светот и модерните иституции е срам за светот.
По Втората светска војна, во име на глобалниот мир меѓународното право имаше големи придобивки. Доаѓаме до точката од која е потребно да погледнеме дали постоечките придобивки можат да се претворат во надеж за луѓето од Алепо и да се претворат во помош за нив.
На ова тема потребно е сите заедно многу да се потрудиме. Сите заедно за Алепо да го подигнеме нашиот глас. Всушност, можеме да забележиме дека во различни времиња луѓето излегуваат на улица. Потребно е светот да стане на нозе за Алепо. Потребно е светот сериозно да се соочи со овој срам“.