Esra Tekin
24 Септември 2023•Ажурирај: 25 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије вчера најостро ги осуди „подлите напади“ на муслиманската света книга Куранот пред амбасадата на некои земји членки на Организацијата за исламска соработка во Холандија, вклучувајќи ја и турската, пренесува Анадолу.
Турското МНР соопшти дека Анкара го осудува ширењето на овие „провокативни напади“, кои под закрила на слободата на изразување, дозволено е да се изведуваат во европските земји.
„Како одговор на овие провокации, кои Обединетите нации ги препознаваат како верска омраза и кршење на меѓународното право, земјите во кои се случуваат ваквите напади треба да преземат ефикасни мерки“, се наведува во соопштението.
Туркије ги повика холандските власти да ги преземат потребните активности против извршителите, како и мерки за спречување на повторување на ваквите напади.
Едвин Вагенсвелд, лидер на исламофобичната група ПЕГИДА, вчера, пред зградата на турската амбасада во Холандија осквернави примерок на муслиманската света книга Куран.
Кинејќи повеќе примероци на Куранот и пред амбасадата на Пакистан, Индонезија и Данска во Хаг, Вагенсвелд ги вреѓал исламот и муслиманите.
За време на инцидентот што се случи пред амбасадата на Туркије во Хаг, Вагенсвелд ги газел страниците од Куранот.
Последните месеци се забележани неколку случаи на палење и сквернавење на Куранот од страна на исламофобични лица или групи, особено во северноевропските и нордиските држави.