Can Erözden
07 Март 2019•Ажурирај: 09 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турција, со купувањето на рускиот ракетен систем С-400, ги следи своите интереси, истакна турскиот потпретседател Фуат Октај, јавува Аnadolu Agency (AA).
„Турција го прави она што е неопходно за сопствените интереси кога станува збор за ракетниот одбранбен систем С-400, носи сопствени одлуки и прави сопствен избор“, изјави Октај, кој беше гостин во уредничкиот деск на АА.
Турскиот потпретседател истакна дека Турција нема да се откаже од купувањето на рускиот систем С-400, бидејќи веќе е потпишан договор.
„Во секој случај [за купувањето на системот за одбрана С-400 од Русија], ние ќе го направиме она што е потребно, особено откако потпишавме договор“, рече тој, додавајќи дека Турција не прифаќа тврдоглав став во врска со тоа.
„Првата испорака на ракетниот систем С-400 ја очекуваме во месец јули“, нагласи Октај.
Вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека Анкара го финализирала договорот за купување на ракетниот одбранбен систем С-400 од Русија.
„Го заклучивме прашањето во врска со С-400, потпишавме договор со Русите и ќе започнеме со работа“, рече Ердоган, говорејќи во телевизиско интервју.
„Подоцна, можеме да работиме со С-500, следната генерација на системот“, рече Ердоган.
Официјални претставници на САД сугерираа дека Турција треба да го купи американскиот ракетен систем „Патриот“, наместо рускиот систем, тврдејќи дека С-400 е некомпатибилен со системите на НАТО. Турските власти одговорија дека Турција нема да се повлече од договорот со Русија, дури и ако треба да го купи и системот „Патриот“.
- Турција може да започне операција во Сирија во секое време -
Турскиот потпретседател Октај истакна дека турската армија е секогаш подготвена за спроведување операција источно од реката Еуфрат во Северна Сирија.
„Турција ќе го направи она што е неопходно и никогаш нема да дозволи терористичко присуство и закани од тоа подрачје [источно од Еуфрат]“, рече тој.
„Во случај на каква било закана за својата безбедност, Турција може да започне операција во подрачјето на сириски Мунбич во секое време“, додаде Октај.
Турција се обврза дека ќе спроведе антитерористичка операција во Мунбич, источно од Еуфрат во Северна Сирија, по двете слични успешни операции од 2016 година.
Турската армија истакна дека ќе покрене прекугранична антитерористичка операција против терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Во својата 30-годишна терористичка кампања, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на 40.000 лица, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.