Oğuzhan Sarı
19 Ноември 2025•Ажурирај: 19 Ноември 2025
АНКАРА (AA) – Поголем дел од остатоците од воениот транспортен авион Ц-130, кој се урна во близина на азербејџанско-грузиската граница, е транспортиран во Турција за натамошна техничка анализа, јавува Анадолу.
Специјален „тим за истрага на несреќата“ беше формиран и веднаш распореден на местото на инцидентот. По детални прегледи на теренот, остатоците од авионот беа внимателно натоварени на камиони, по што најголем дел од материјалот е транспортиран во Турција.
Остатоците ќе биде испитани во Дирекцијата на 2. Фабрика за воздушно одржување во Кајсери, која функционира во рамките на Управата за воени фабрики на Министерството за национална одбрана.
Во меѓувреме започна анализата на „црната кутија“ на авионот.
Се очекува причината за несреќата да стане јасна по завршувањето на увидот на терен и декодирањето на црната кутија.
Истражниот тим ќе продолжи да работи на местото на несреќата до крајот на неделата.
Воениот транспортен авион Ц-130 на Турските воздухопловни сили се урна на 11 ноември, при што загинаа сите 20 лица што се наоѓаа во авионот.
Министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер по владината седница, која во понеделникот ја водеше претседателот Реџеп Таип Ердоган, изјави дека декодирањето на снимките од летот и добивањето првични наоди ќе трае најмалку два месеца.
„Според првичните, но сѐ уште непотврдени сознанија, прво се откинал задниот дел. Потоа авионот се распаднал на три дела. Овие детали ќе бидат разјаснети преку црната кутија“, појасни Ѓулер, додавајќи дека анализата ја спроведува Турската воздухопловна индустрија (TUSAŞ).