Yasemin Kalyoncuoğlu
22 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - ЈАСЕМИН КАЛЈОНЏУОГЛУ -
Бројот на посетителите кои во 2018 година ги посетиле музеите и археолошките локалитети при турското Министерство за култура и туризам, достигна до 28 милиони 144 илјади и 670 лица, додека најпосетуваниот музеј стана музејот на палатата Топкапи во Истанбул, кој бил посетуван од страна на 2 милиона 980 илјади и 450 посетители, пишува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде новинарот на АА од Министерството за култура и туризам на Турција, во 2017 година, 20 милиони 509 илјади и 746 лица ги посетиле музеите и археолошките локалитети при ова министерство, а оваа бројка во 2018 година е зголемена на 28 милиони 144 илјади и 670 лица. Според тоа, Музејот на палатата Топкапи стана најпосетуваниот музеј во 2018 година со 2 милиона 980 илјади и 450 посетители.
Според овие податоци, вториот најпосетуван музеј е музејот „Аја Софија“ во Истанбул, со 2 милиона 890 илјади и 873 посетители, по кој следува музејот „Мевлана“ во турскиот град Коња со 2 милиона 817 илјади и 386 посетители.
Четвртото најпосетувано место во 2018 година во Турција стана светски познатиот археолошки локалитет Памуккале, кој го посетиле 2 милиона 172 илјади и 740 лица.
На петтото место на оваа листа се наоѓа археолошкиот локалитет Ефес во Измир, кој бил посетуван од страна на 1 милион 543 илјади и 690 лица.
Бројни историски вредности и природни убавини во градот Невшехир и околината влегоа во првите десет места во листата на најпосетувани музеи и археолошки локалитети во 2018 година во Турција.
По археолошкиот локалитет Ефес следуваат следните места: археолошкиот локалитет Ѓореме во Невшехир (1 милион 104 илјади и 217 посетители), археолошкиот локалитет Троја во Чанаккале (531 илјади и 530 посетители), подземниот град Кајмакли во Невшехир (529 илјади и 904 посетители), археолошкиот локалитет Долината Ихлара во Аксарат (491 илјада и 784 посетители) и музејот „Хаџибекташ“ во Невшехир (443 илјади и 160 посетители).