АНКАРА (АА) - Партиите што го сочинуваат Големото народно собрание на Република Турција, Партијата за правда и развој (АК партија), Републиканската народна партија (ЏХП), Партијата за национално движење (МХП) и Партијата ИЈИ, објавија заедничка декларација во која ја критикуваат одлуката на американските власти за воведување санкции против Турција и ги повикаа што побрзо да ја поправат оваа, како што рекоа, опасна грешка, јавува Агенција Анадолија (AA).
Џелал Адан, претседавач со Големото народно собрание на Турција, ја прочита декларацијата со која одлучно се отфрла одлуката за санкции кон Турција, кои американската администрација ги воведе на 14 декември 2020 година.
„Турција не се двоуми за преземањето неопходни чекори потребни поради националната безбедност. Турција не е земја што ќе направи чекор назад откако е соочена со закани и санкции“, се вели во декларацијата.
Во неа се наведува и дека суверенитетот му припаѓа само на народот и дека пратениците, донесувајќи одлуки во согласност со националните интереси, одговараат само пред граѓаните.
„Овој погрешен чекор кој го направија САД е неспоив со духот на сојузништвото. Исто така е јасно дека нема да донесе никаква корист за нашите односи, кои треба да ги унапредуваме во духот на заемното почитување. Турција е земја која во контекст на својата надворешна политика придонесува за мирот и стабилноста и зазема место меѓу почитуваните и исклучително потребните сојузници на НАТО. Не треба да се дозволи односите меѓу Турција и САД да бидат заложници на кратковидните и непријателските тенденции на групи од интерес. Позицијата со која се исклучува Турција сигурно не може да придонесе кон глобалниот мир. Таквиот став е во спротивност со духот на сојузништвото во рамките на НАТО. Од овие причини, ги повикуваме Соединетите Американски Држави што поскоро да се откажат од оваа опасна грешка“, се наведува во заедничката декларација.
САД вчера наметнаа одредени санкции кон Турција поради набавката на руските системи за одбрана С-400.
Турција е членка на НАТО речиси седум децении и се залага за формирање работни групи за изнаоѓање решение кога станува збор за несогласувањата меѓу сојузниците.
Откако не успеа да постигне договор за купување на американскиот одбранбен систем „Патриот“, Турција пред три години потпиша договор со Русија за купување на системот С-400.
Американските власти негодуваа поради турското купување на руските системи и тврдат дека тие системи не се компатибилни со системот на НАТО, како и дека отвораат можност за руска саботажа на американските борбени авиони Ф-35. Од друга страна, Турција порача дека системите С-400 нема ниту да ги интегрира во НАТО системите на оружје и дека тоа нема да претставува закана за нејзините сојузници.