Kemal Karagöz
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
АДИЈАМАН (АА) - Планината Немрут во југоисточна Турција, чиј врв е висок 2.134 метри, се смета за место од каде што може да се види најубавото изгрејсонце и најубавиот залез, а за девет месеци оваа година, планината ја посетија 52.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова место го посетуваат туристи од сите делови на Турција и на светот.

Шефот на одделот за туризам и култура на Адијаман, Мустафа Екинџи, изјави дека за девет месеци оваа година, планината Немрут ја посетиле 52.000 лица, меѓу кои 2.000 странци.
Планината се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО, а на нејзиниот врв опстојуваат остатоците од кралската гробница на Антиох I Комагенски. Планината е позната и по тоа што на неа се наоѓаат масивни скулптури на божества, кралеви и други битија.
Комагена е кралство од хеленистичкиот период, коешто се наоѓало во југоисточниот дел на денешна Турција, и тоа на границата со денешна Сирија. Кралот Антиох I Комагенски во 62 година п.н.е., на врвот од планината Немрут подигнал гробно светилиште опкружено со колосални скулптури високи околу 8-9 метри, кои го претставувале него, два лава, два орли и разни грчки, ерменски и персиски боженства.
Главите подоцна им се одвоени од телата и денес лежат расфрлени по целото место. Уште еден фактор што го забрзува уништувањето на скулптурите е фактот дека скулптурите поминуваат половина година затрупани под снег.
Токму тоа е причината што турските власти се трудат да го заштитат ова непроценливо културно наследство, но и да го олеснат пристапот.