АНКАРА (АА) - Претседателот на Управниот одбор, а воедно и генерален директор на Агенција Анадолија (АА), Шенол Казанџи, истакна дека борбата на АА за пренесување точни, веродостојни, брзи и ефективни вести ќе продолжи со решителност како што продолжила во текот на 100-те години, имајќи ги предвид националната свест и духот на патриотизмот.
Казанџи објави порака по повод 100-годишнината од основањето на Агенција Анадолија, во која нагласи дека со инструкции на Мустафа Кемал Ататурк, АА била основана на 6 април 1920 година со цел пренесување на гласот на регионот Анадолија до светот. Тој нагласи дека 100-годишнината на АА ја одбележуваат со голем ентузијазам и гордост.
Според него, АА, која е формирана 17 дена пред основањето на Големото народно собрание на Турција, извршила голема мисија во пренесувањето на турската Борба за независност до Анадолија и до целиот свет.
Тој рече дека почнувајќи од формирањето на Републиката, успешно ја извршиле својата мисија како најголема и најефективна новинска агенција на Турција.
„Во точката што дојде по 100 години, Агенција Анадолија ја достигна позицијата на најефективни новински агенции во светот и стана еден меѓународен бренд на Турција“, додаде тој.
- „Агенција Анадолија секој ден во просек со 18 емитувања во живо се обраќа до светот“ -
Казанџи истакна дека освен на турски јазик, АА денес објавува на 13 јазици, од кои на македонски, албански, англиски, арапски, француски, шпански, персиски, руски, БХС (босански, хрватски, српски), индонезиски и на курдските дијалекти сорани и курманџи.
Тој информираше дека АА им нуди услуги на околу 6.000 претплатници во 100 земји во светот, додека со над 3.000 вработени од 124 различни потекла дневно во просек објавува 2.000 вести, 2.350 фотогалерии, 435 видеоснимки, како и 18 емитувања во живо.
Казанџи нагласи дека денес глобалната вредност на земјите, покрај политичката, економската и воената моќ, се определува и преку капацитетот за произведување информации, и нивно најточно, најбрзо и најефективно пренесување.
„Додека Турција се движеше со сигурни чекори кон станување моќен глобален актер од политички, економски и воен аспект, исто и Агенција Анадолија го зазеде своето место во ова благословено патување и успеа да стане најефективен и најсилен инструмент за комуникација што се однесува до пренесувањето на пораките и ставовите на Турција до светот“, истакна Казанџи, и додаде:
„Сакам особено да нагласам дека Агенција Анадолија е гласот на угнетените и гласот на жртвите низ светот. АА укажа на глобалните цели за мир, пријателство и солидарност, стана гласот на немите и вложи борба за пренесување на вистините без да прави разлики според јазикот, религијата, расата или географска поделба. Праведниот отпор на Палестина, борбата на Босна за опстанок, болката на Аракан, плачот на угнетените Сиријци и приказните на Африканците, што се прикривани и криени од светот, добија поддршка и ги зазедоа своите места во телеграмите, факсовите, телефоните, интернетот, објективите, видеоснимките и инфографиките на Агенција Анадолија.“
Казанџи истакна дека со голема гордост го одбележуваат 100-годишното постоење на АА и рече: „Во мое име, во име на Агенција Анадолија и во име на сите наши вработени упатувам благодарност до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поради неговата голема поддршка за АА. Под водство на нашиот Претседател, Турција во секоја област направи историски чекори, додека ние чувствуваме неопислива возбуда поради тоа што сведочиме за овие чекори како семејство на АА, ги правиме вестите за Турција која е во развој, и ги пренесуваме до целиот свет.“
- „Никогаш нема да ги заборавиме нашите шехиди и нивните семејства“ -
Тој рече дека најголемата благодарност ја заслужуваат вработените на АА, а според него, со голема почит се сеќаваат на сите починати ветерани на АА кои дале придонес во основањето на АА.
„Бескрајна е нашата почит и лојалност кон сите вработени на АА кои станаа шехиди додека работеа“, истакна тој.
Казанџи од Бога побара милост за сите вработени на АА кои починале вршејќи ја својата должност, како и за нивните семејства, и додаде: „Уште еднаш ветуваме дека никогаш нема да ги заборавиме нашите шехиди и нивните семејства.“
Тој упати благодарност до сите свои колеги кои според него со големи жртвувања и храброст работат во Турција и во 100-те претставништва на АА низ светот.
„Сакам да нагласам дека сум многу горд што работам со нив. Уште еднаш сакам да изразам благодарност до сите поранешни вработени кои дале придонес под покривот на АА во текот на ова 100-годишно патешествие“, нагласи тој.
- „Нашата борба за пренесување вести ќе ја продолжиме со иста решителност како и во текот на овие 100 години“ -
Казанџи рече дека додека ја одбележуваат 100-годишнината од постоењето на АА, во исто време се возбудени што се сведоци на историјата, пишуваат историја и се гласот на Турција која е во развој, и дека оваа возбуда никогаш нема да се намали.
„Борбата за пренесување точни, веродостојни, брзи и ефективни вести ќе ја продолжиме со решителност како што беше во текот на овие 100 години, заедно со сите наши колеги, заштитувајќи ја честа на новинарството, како и националната свест и духот на патриотизмот. Посакувам 100-годишнината на АА да биде благословена за нашата земја, нашиот народ и за човештвото. Верувајќи дека АА, која е дело на нашиот народ, нема да го напушти патот на нашиот народ и своето патување ќе го продолжи за уште повеќе од 100 години како гордост на нашиот народ; упатувам поздрав и почит кон сите наши вработени, до нашиот свет народ, и до сите тие до кои стига нашиот глас“, истакна Шенол Казанџи, претседателот на Управниот одбор, а воедно и генерален директор на Агенција Анадолија (АА).