Tuba Şahin
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за финансии и трезор, Берат Албајрак, ја претстави новата економска програма на земјата за период од три години, почнувајќи од 2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Стапката на инфлација треба да се намали под 5 отсто, и тоа е дел од идеалот за силна Турција“, рече Албајрак за време на презентирањето на новата програма во главниот град Анкара.
„Ја ревидиравме нашата прогноза за инфлација за 2019 година на 12 отсто, што е намалување од 15-те отсто колку што изнесуваше претходната цел“, рече Албајрак.
Тој рече дека целите за стапката на инфлација за следната година се 8,5 отсто, за 2021 година 6 отсто и стапка од 4,9 отсто за 2022 година.
„Главната тема и мотото на новата економска програма е „Трансформацијата започнува““, нагласи турскиот министер.
Истакнувајќи дека економскиот раст на Турција на крајот на оваа година се очекува да изнесува 0,5 отсто, Албајрак рече дека целта на новата програма е стапка на годишен раст од 5 отсто за секоја од наредните три години.
Тој нагласи дека растот ќе генерира околу еден милион нови работни места годишно во периодот 2020 - 2022, со цел постепено намалување на стапката на невработеност.
„По завршување на 2019 година со стапка на невработеност од 12,9 отсто, имаме за цел следната година стапката да ја намалиме на 11,8 отсто, во 2021 година на 10,6 отсто, а во 2022 година на 9,8 отсто“, истакна Албајрак.
Во однос на фискалната дисциплина, министерот рече дека се цели кон буџетски дефицит од 2,9 отсто од БДП за следните две години, додека за 2022 година предвидува намалување на стапката на 2,6 отсто.