ИСТАНБУЛ (АА) - Во излетувањето на патничкиот авион од пистата при слетување на Меѓународниот аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул вчера загинаа три лица, додека 180 се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Авионот на Пегасус ерлајнс доаѓал од областа Измир на аеродромот во Истанбул, кога се срушил при слетувањето. Според информациите што ги имаме, до удирање во тлото на авионот дошло поради тешкото слетување“, изјави турскиот министер за транспорт и инфраструктура Мехмет Џахит Турхан.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, за новинарите изјави дека во авионот се наоѓале вкупно 177 патници и шест членови на посадата, напоменувајќи дека загинале три лица.
Гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја, исто така потврди дека се повредени 180 лица, вклучувајќи 174 патници и шест членови на посадата.
Тој истакна дека во авионот се наоѓале и 22 странски патници од 12 земји, додавајќи дека авионот, откако излетал од пистата, лебдел околу 50-тина метри по што паднал од висина од околу 30 метри.
На телевизиските снимки може да се види дека „носот“ на авионот речиси потполно се одвоил од остатокот на трупот, кој по падот се запалил, но пожарот бил набрзо изгаснат.
Обвинителството во главниот град Анкара отвори истрага за инцидентот, а аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ е повторно отворен за воздушниот сообраќај.