Arif Yavuz
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
АФЈОНКАРАХИСАР (АА) – Фламингата кои се подготвуваат за преселување од Аџиѓол, едно од најважните мочуришта во Турција, беа снимени од страна на тимовите на Регионалната дирекција за Заштита на природата и националните паркови.
Езерото Аџиѓол, кое се наоѓа помеѓу градовите Афјонкарахисар и Денизли, е на второ место во Турција во однос на густината на натриум сулфат во водата, по Соленото Езеро, кое е исто така познато како домаќин на разновидни птици.
Езерото го посетуваат многу локални и странски набљудувачи на птици. Се проценува дека има повеќе од 160 видови птици од околу 20 семејства.
Аџиѓол е една од најважните области за размножување на фламингата. Езерото, исто така е познато и по тоа што изворот на храна во него влијае на боите на пердувите на птиците.

Светлорозовите фламинга му даваат посебна убавина на езерото, со што тоа ги привлекува и љубителите на фотографијата.
Екипите на Регионалната дирекција за заштита на природата и националните паркови започнаа студија за набљудување на езерото Аџиѓол и за бројот на животинските видови кои живеат таму.
Од воздушните снимки се гледа дека и покрај тоа што е есен, бројот на фламингата е зголемен.

Доцент д-р Угур Џенгиз Еришмиш, директор на Центарот за истражување и биомониторинг за заштита на природата при Универзитетот „Коџатепе“ во Афјон, за АА изјави:
„Аџиѓол е едно од најзначајните мочуришни површини во Турција. Тоа е дом за повеќе од 160 видови птици од приближно 20 фамилии, претежно фламинга. Оваа богата птичја разновидност е причина која ги привлекува набљудувачите на птици и љубителите на фотографирањето на природата од сите страни на светот. Една друга значајна особина на Аџиѓол е тоа што се наоѓа на 6. место во светот по производството на натриум сулфат. Тоа се наоѓа на второ место во Турција, по Соленото Езеро, според процентот на присуство на натриум сулфат.“
Информирајќи дека Аџиѓол е честа локација за љубителите на фотографирањето на природата и на набљудувачите на птици, Еришмиш истакна дека од месец јули е забележано зголемување на бројот на фламинга во Аџиѓол.
Еришмиш рече дека во езерото постојат различни видови птици како што се лисеста гусковидна патка (Tadorna ferruginea), дива патка (Anas platyrhynchos) и гусковидна патка (Tadorna tadorna).