Erdoğan Çağatay Zontur
19 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за образование на Република Турција, Зија Селчук, изјави дека земјата ги завршила сите подготовки за почеток на училишната настава преку интернет и телевизија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Селчук како гостин на денешниот Уреднички деск на АА во Анкара ги коментираше мерките што Турција ги презема во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот, а кои се однесуваат на ресорот образование.
„Персоналот и содржината за онлајн настава и телевизиски програми се подготвени. Содржината е снимена, а часовите започнуваат на 23 март. Часовите ќе траат 20 минути, за разлика од часовите во редовната настава кои траеја 40 минути“, изјави Селчук.
Тој изјави дека часовите од наставата ќе бидат емитирани на телевизија како поддршка на онлајн наставата која би можела да биде соочена со проблеми на интернетот во некои места.
„Нашите наставници волонтерски ги подготвија содржините за часовите што ќе бидат на телевизиската програма. Работеа во помали групи и веќе ги поминаа пробните емитувања“, изјави Селчук.
Тој истакна дека Турција е една од ретките земји кои имаат капацитет да извршат настава на далечина на национално ниво.
Ресорниот турски министер Селчук изјави дека на сите им е јасно дека наставата преку телевизиски програми не може да се спореди со редовната настава, но дека тоа е неизбежна привремена мерка во екот на борбата против ширењето на коронавирусот.
Истакнувајќи дека речиси милијарда ученици во светот моментално не одат на училиште, Селчук рече дека таа бројка во наредниот паериод ќе расте дополнително.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
„Во најмалку 160 земји и територии во светот, речиси 220.000 луѓе се заразени со вирусот, а 8.810 починале како последица на заразата“, се вели од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.