Kerem Alperen Kaya
16 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Работната група составена од турски и саудиски експерти го напушти комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија, во кој во текот на изминатата ноќ вршеше истрага за случајот со исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските и саудиските делегации составени од државни обвинители, форензичари и други експерти, одвоено го напуштија комплексот на Конзулатот и не се обратија на големиот број медиумски екипи кои веќе со денови внимателно го следат случајот.
Во текот на ноќта во комплексот на Конзулатот, на задната врата влегоа и две возила на истанбулската Комунална служба. Возилата во придружба на полицијата потоа го напуштија комплексот, а новинарот на АА јавува дека се земени примероци од тлото од дворот на Конзулатот.

Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Во Турција започна истрага за неговото исчезнување, а репортерот на „Ројтерс“ („Rеuters“) претходно јави дека Кашоги е убиен во Конзулатот, откако неколку дена поминал како заложник. Истото тврдење го изнесе и Здружението на турски и арапски медиуми, од каде што тврдат дека имаат и докази.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно отворено се закани дека Саудиска Арабија ќе се соочи со сериозни казни ако излезат вистинити тврдењата дека новинарот е убиен во комплексот на Конзулатот.
Од друга страна, Владата на Саудиска Арабија вчера порача дека остро се противи и дека ќе одговори на сите закани и обиди за наметнување економски санкции поради случајот со исчезнувањето на новинарот.