Sefa Mutlu,İsmail Özdemir
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - Турските истражувачи од заедничката работна група која ја води истрагата во врска со исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги денеска влегле во резиденцијата која ја користеше конзулот Мухамед ал-Утаиби кој вчера ја напушти Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските истражувачи внатре во резиденцијата на саудискиот конзулат се уште водат истрага која е започната пред два часа.
Истражувачите во еден момент се качија и на кровот на резиденцијата, додека со дрон е снимена зградата на конзулатот и околината.
Потсетуваме, турските истражувачи од заедничката работна група која води истрага во врска со исчезнувањето на Кашоги, откако влегоа во саудискиот Конзулат во Истанбул, влегоа и во резиденцијата.
Турските истражувачи во конзулатот во квартот Левент стасаа со четири возила со цивилни регистарски таблички од кои две се истражни возила, а набргу влегоа и во резиденцијата на конзулатот.
На чело на делегацијата на истражниот тим се наоѓа главниот обвинител, обвинител и експерти од Кабинетот за борба против тероризмот и Кабинетот за истрага против криминал.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост" (The Washington Post) Џамал Кашоги исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“, кој претставува главна патформа на саудиските реформисти.
Во Турција е покрената истрага за неговото исчезнување, а репортерот на агенцијата „Ројтерс" претходно јави дека Кашоги е убиен во конзулатот, откако неколку дена бил заложник. Истото тврдење го објави и Асоцијацијата на турските и арапските медиуми, од каде тврдат дека имаат и докази.