Sarp Özer
07 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
АНКАРА
Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, истакнувајќи дека преговорите меѓу турската и американската воена делегација биле позитивни и имале конструктивен пристап, нагласи: „На состаноците ги изразивме сите наши загрижености за безбедноста. Разменивме мислења за тие проблеми. На состанокот со задоволство забележавме дека ставовите на нашите соговорници се приближија кон нашите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар пред хотелот каде што се одржува Конференцијата за амбасадорите одговораше на новинарски прашања.
На прашањето на еден новинар за разговорите со американската делегација во Министерството за национална одбрана, Акар рече:
„Преговорите меѓу воените делегации започнаа на 5 август и во моментот продолжуваат. Очекуваме да завршат ова време. За време на состаноците нашите колеги им ги пренесоа на нашите соговорници сите наши мислења и барања. Во тој контекст истакнавме дека се бориме против терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ и дека таа борба продолжува. Исто така нагласивме дека сакаме заедно со САД да воспоставиме безбедносна зона, дека зоната треба да опфаќа простор од 30 до 40 километри и дека ЈПГ треба целосно да се отстрани од таа зона. Покрај тоа, побаравме да се собере тешкото оружје кое го поседува ЈПГ и да се пренесе надвор од областа. Ние ги поставивме и нашите барања за уништување на многуте тунели и упоришта кои се изградени од страна на терористите, а тие да бидат уништени заеднички од страна на турските и американските војници. Сите наши барања отворено ги поставивме на маса. Очекуваме од нашите пријатели од САД да дејствуваат во согласност со духот на сојузот и духот на стратешкото партнерство. Очекуваме тие да ја прекинат својата поддршка на припадниците на ЈПГ, особено поддршката со оружје и муниција“.
Акар, истакнувајќи дека нема да се дозволи формирање терористички коридор на јужниот дел на Турција, рече:
„Никогаш нема да дозволиме формирање терористички коридор на југот на нашата земја на кој било начин. Сè што треба да се направи на таа тема, ако е можно, сакаме да направиме заедно со САД, ако не, повторно им кажавме дека сме одлучни тоа да го направиме сами. На состаноците ги изразивме сите наши загрижености за безбедноста. Разменивме мислења за тие проблеми. На состанокот со задоволство забележавме дека ставовите на нашите соговорници се приближија кон нашите. Кога ќе ги оцениме состаноците, нема да биде погрешно ако кажеме дека поминаа позитивно и имаа прилично конструктивен пристап“.
Министерот Акар, наведувајќи дека Министерството ќе издаде соопштение во однос на тоа прашање, истакна:
„Како што беше изразено многу пати од страна на нашиот претседател, по ова прашање ние сакаме да дејствуваме, да работиме заедно со нашите сојузници од САД. На повеќепати досега кажавме дека доколку тоа не е можно, ќе направиме сè што е потребно за да се обезбеди сигурноста и мирот на нашата земја, нашиот народ и пријателските и братските народи во регионот.“