Emrah Gökmen,Uğur İslamoğlu
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Терористката Ахлам Албашир, која го изврши терористичкиот напад на улицата „Истиклал“ во Истанбул, во изјава на полицијата раскажала на кој начин го планирала нападот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството во Истанбул ја продолжува истрагата за терористичкиот напад во центарот на Истанбул на 13 ноември, во кој загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.
Албашир изјави дека додека била во структурите на терористичката организација, дошла до лице по име Хасан, кој бил еден од челниците на регионот Мунбич во јули, а за кого подоцна дознала дека е од разузнавачката единица на терористичката организација ЈПГ. Таа рекла дека тој тогаш ѝ кажал: „Хаџи ќе ти даде важна задача“.
„Подоцна се состанав со Хаџи во една селска куќа во околината. Таму ми кажа дека со човек со име Билал ќе одам во Туркије. Ми даде 400 лири и два телефони. Во Идлиб, каде што отидов преку посредник, запознав човек кој никогаш порано не сум го запознала, не сум го видела, а се преправавме дека сме маж и жена“, рече таа.
Албашир зборуваше и за првата средба со осомничениот бегалец Билал Хасан. Таа рече дека на првата средба кажал дека ги мрази Турците. Како што рече таа, на 27 јули илегално пристигнале во Хатај, Туркије, а истиот ден заминале за Истанбул.
Во својот исказ Албашир тврди дека додека патувала, не знаела каде оди, но дека отишле во станот на адресата што ја добил Билал на телефон додека бил во Истанбул. Подоцна за станот, во кој престојувале четири месеци, дознала дека е на Ферхат Хабеш, сопственикот на работилницата во која работеле.
Албашир наведе дека Билал Хасан ја донел торбата со бомбата.
- Двe извидувања на „Таксим“ -
Албашир, тврдејќи дека четири месеци не отишле никаде освен дома и на работа со Билал Хасан, призна дека во последниот месец двапати отишле на Плоштадот „Таксим“ во Истанбул на извидување со Јасир К., еден од осомничените кој е приведен.
Опишувајќи дека на денот на нападот отишле во Бејоглу со Билал Хасан и Јасир К., Албашир изјави дека Билал Хасан ѝ ја дал торбата велејќи ѝ „Имам работа“. Таа ја зела торбата и тргнала по улицата, а потоа седнала на клупата каде што подоцна се случи експлозијата.
Терористката изјави и дека оставила ранец и кеса на клупата и отишла во продавницата преку патот, но потоа ѝ било испратено видео и фотографија како седи на клупата каде што требало да се случи експлозија. Утврдила дека тие снимки биле направени телефонски и испратени до неа. Полициските истражители, прегледувајќи ги снимките од безбедносните камери, утврдиле дека никој не ја снимал Албашир додека била на споменатата локација.
Таа потоа наведе дека ѝ се јавил другиот член на терористичката организација, Хаџи, и ѝ наредил да се оддалечи од местото каде што ја оставила торбата, по што се упатила во правец на Плоштадот „Таксим“.
Таа призна дека била обучувана од терористите на ПКК/ЈПГ и дека нелегално влегла во Туркије од Африн, Сирија, како разузнавач. Признала и дека планирала да избега во Грција.
Во период од над 35 години, припадниците на ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Туркије, САД и ЕУ, имаат усмртено повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.