Salih Okuroğlu
24 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, реагираше на изјавата на американскиот претседател Џо Бајден во врска со настаните од 1915 година и истакна дека повторно се појавени политички шарлатани кои се обидуваат да ја искриват историјата, пренесува Анадолу.
Чавушоглу на социјалните мрежи одговори на изјавата на Бајден во врска со настаните од 1915 година.
„Повторно се појавија политички шарлатани што се обидуваат да ја искриват историјата. Историјата не може повторно да се препишува со политички изјави. Опортунистите што инсистираат на овој став, ќе останат запомнети по нивните задни намери и лицемерство. Никој да не се осмели да му држи лекција по историја на големиот турски народ“, напиша Чавушоглу.
Инаку, Бајден во писменото соопштение во врска со ерменските тврдења околу настаните од 1915 година го употреби терминот „геноцид“.
И турското Министерство за надворешни работи ги отфрли изјавите на владините претставници на некои земји, велејќи дека Анкара ги смета за ништовни и најостро ги осудува оние што истрајуваат на оваа грешка.
„Несреќните изјави што се некомпатибилни со историските факти и меѓународното право во врска со настаните од 1915 година се залудни напори насочени кон повторно испишување на историјата од политички мотиви“, се вели во соопштението на Министерството, додавајќи дека на Туркије нема потреба да ѝ се држат предавања за сопствената историја од кој било.
Се додава дека „настаните од 1915 година не може да се дефинираат според личните агенди на политичарите и нивните домашни политички размислувања“.
Во соопштението понатаму се вели: „Ваквиот пристап може да доведе само до искривување на историјата. Оние што инсистираат на овој пристрасен пристап ќе останат во историјата како безвредни опортунистички политичари.“
Анкара, исто така, ги повика оние што се обидуваат да извлечат непријателство од историјата за плитки политички размислувања, да го поддржат предлогот на заедничката комисија за историја и регионален мир и соработка предводени од Туркије наместо да ги повторуваат таквите тешки грешки.
Настаните од 1915 година се случија за време на Првата светска војна кога дел од ерменското население кое живееше во Османлиското Царство им се придружи на Русите кои упаднаа на територијата и се побунија.
Ерменското лоби на меѓународната сцена работи на собирање поддршка дека Ерменците тогаш биле жртви на „геноцид“, додека Туркије смета дека проценка за карактерот на тие случувања треба да дадат историчарите, а голем дел од нив не се согласуваат со тврдењата на проерменските кругови.
Анкара постојано предлагаше формирање заедничка комисија од историчари од Туркије и Ерменија, како и меѓународни експерти за решавање на ова прашање.
Туркије и Ерменија во октомври 2009 година презедоа напори кон нормализација на односите.