Ahmet Gençtürk
17 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
АНКАРА (АА) – Туркије денес остро ја осуди одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за укинување на ембаргото за оружје за администрацијата на кипарските Грци, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Силно го осудуваме проширувањето на опсегот на одлуката донесена од САД во септември 2020 година за укинување на ембаргото за оружје кон администрацијата на кипарските Грци“, се истакнува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Оваа одлука, која е во спротивност со принципот на еднаквост на двете страни на островот, и која дополнително ќе ја зајакне непопустливоста на кипарските Грци, негативно ќе влијае на напорите за решавање на кипарското прашање и ќе доведе до трка во оружје на островот, нанесувајќи им штета на мирот и стабилноста во Источниот Медитеран“, се додава.
„САД ги укинуваат ограничувањата за трговија во полето на одбраната за администрацијата на кипарските Грци за фискалната 2023 година“, соопшти вчера Стејт департментот.
„Државниот секретар Антони Џ. Блинкен утврди и му потврди на Конгресот дека Република Кипар ги исполнила неопходните услови според релевантната регулатива за да дозволи одобрување на извоз, реекспорт и трансфер на производи од одбраната“, соопшти портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Политиката на САД изискува одбивање на извоз, реекспорт или трансфер на одбранбени артикли на Кипар доколку претседателот не утврди и потврди на конгресните комисии дека соработуваат со Вашингтон за спроведување на регулативите за спречување на перењето пари и во реформите за финансиски регулаторен надзор.
Анкара ги повика САД „да ја преиспитаат оваа одлука и да водат балансирана политика кон двете страни на островот“.
„Меѓународната заедница, вклучително и САД, треба да ја потврди суверената еднаквост и еднаквиот меѓународен статус на кипарските Турци, што исто така беа потврдени со Договорите од 1959-1960 година, и да постапат соодветно“, се наведува во соопштението.
„Во секој случај, Туркије, како земја гарант, во согласност со своите законски и историски одговорности, ќе продолжи да ги презема неопходните чекори за постоењето, безбедноста и спокојството на кипарските Турци на секаков начин.“