Sarp Özer
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
ИЗМИР (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, коментирајќи ги случувањата во Источниот Медитеран, рече дека Турција е секогаш на страната на мирот, дијалогот и политичките решенија, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Постојат такви кои се далеку илјадници километри и овде се обидуваат да играат некоја улога. Има такви кои ја преминаа секоја мера и кои сакаат да ни одржат лекција, но тоа во никој случај не можеме да го прифатиме“, рече Акар за време на состанокот со командантите на елитната единица на турските поморски сили во Измир.
Акар ги следеше и воените вежби на припадниците на оваа елитна единица и даде коментар За настаните во Источниот Медитеран.
„Како што секогаш потенцираме, ние се залагаме за мир, дијалог и за политички решенија. Ги почитуваме добрососедските односи и договорите, законите на сите, но исто така сме одлучни и способни да ги заштитиме и чуваме правата и интересите на нашата земја и на нашиот народ. До кога? Сè додека живееме“, рече Акар.
Порача дека неговата земја и народот сакаат да живеат во слобода и благосостојба.
„Родени сме слободни и живееме во слобода. Спремни сме да се бориме за својот суверенитет и независност, но нашиот избор е дијалогот и политичките решенија. Кога е потребно, ќе сториме сè за да ги заштитиме и зачуваме нашите права и интереси", додаде тој.
Грција се обиде нелегално да го ограничи турското поморско подрачје, обидувајќи се да го исцрта кај крајбрежјето на малите грчки острови во близина на турскиот брег. Турција тврди дека двете страни наместо тоа треба да водат дијалог за да се постигне најдоброто решение засновано врз чесна поделба.
Грција неодамна спроведе воени вежби, во кои учествуваше и Франција, чија цел беше заплашување на Турција за да ги запре истражувањата за енергетските ресурси. Исто така, Грција нелегално ги вооружа егејските острови, кршејќи ги долгогодишните мировни договори.
Неодамнешниот договор на Атина за поморско разграничување со Египет, исто така, го прекршува континенталниот појас на Турција и нејзините поморски права, предизвикувајќи дополнителни тензии меѓу двата соседи.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати наменски бродови за истражување на енергетските ресурси во својот континентален појас, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во тој регион. Дијалогот за правична распределба на ресурсите ќе биде од корист на сите страни, истакнуваат турските власти.