Gökhan Ergöçün
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција внимателно ја следи иднината на технологијата, а веќе има подготвени мапи на патот за областите, како што се вештачка интелигенција, здравство и 5Г, изјави денеска турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на Економскиот самит „Улудаг“ во Турција, Варанк истакна дека Турција ќе пружи силна поддршка на активностите за истражување и развој (R&D), како и на развојот на производите (P&D) со новиот економски пакет кој стапува на сила денеска.
Според овој пакет, компаниите ќе добијат поддршка од државата до 6 милиони турски лири (756 милиони долари).
Варанк истакна дека Турција во својата технолошка политика дава приоритет првенствено на индустриската инфраструктура, истакнувајќи дека земјата има 325 организирани индустриски зони.
Коментирајќи го и проектот за турското електрично возило, TOГГ, Варанк изјави дека првиот автомобил во рамките на овој проект ќе биде произведен кон крајот на наредната година.
Економскиот самит „Улудаг“ е дводневен настан кој започна во средата. Оваа година поради пандемијата на коронавирусот, наместо во познатиот ски-центар Улудаг во Бурса, се одржува во Истанбул, во физички и виртуелен формат.
Тема на овогодишниот Самит е „Дали сме подготвени за новиот свет?“ Главни теми на Самитот се индустријата, трговијата, производството, финансиите, енергетиката, земјоделството и технологијата.