Handan Kazancı
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, денеска ја критикуваше пресудата на Европскиот суд за човекови права (ECHR), со која се бараат привремени мерки против Турција на барање на Ерменија, која сега се наоѓа во конфликт со Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Пресудата е политичка и донесена е без воопшто да се разгледа гледиштето на Турција“, изјави Ѓул за новинарите во главниот град Анкара.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, исто така ја критикуваше одлуката, велејќи дека потегот на Европскиот суд за човекови права претставува удар за неговиот кредибилитет и углед, бидејќи нема основа, а Анкара дури и не била консултирана за тоа.
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.