Ekip
06 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
ИЗМИР/КОЊА/ШАНЛИУРФА/ИНЕБОЛУ (AA) – Кампањата за размена на девизи во Турција ја поддржаа припадниците на различните слоеви на општеството, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно го повика народот да ги размени заштедите на странските валути во лири за да биде запрен падот на лирата.
Адвокатите, пекарите, возачите, лекарите и луѓето од сите други професии, од сите краеви на Турција, даваат придонес така што организираат различни кампањи за раст на лирата. Адвокатот Ајше Рабиа Јуреклитурк од Измир истакна дека на клиентите што ќе разменат долари во вредност од 50.000 лири нема да им ги наплаќа правните услуги. Јуреклитурк за АА истакна дека сака да даде свој придонес и да покаже дека претседателот Ердоган и државата не се сами во периодот кога дојде до промена во односот лира-долар.
За оние што ќе ги разменат девизите, бесплатен лекарски преглед, чај и превоз
Лекарот од општа пракса Фуат Каракечили, од Шанлиурфа, за да придонесе во започнатата кампања порача дека на оние граѓани што ќе донесат потврда дека размениле 100 долари нема да им ги наплатува лекарски услуги.
Каракечили смета дека кампањата, покрај трговците, треба да ја поддржат и медицинските работници. Сопственикот на чајџилница во Инеболу, Алпарслан Касапоглу, на прозорецот од чајџилницата истакна натпис дека оние што ќе донесат потврда дека размениле 100 долари, бесплатно ќе добијат 10 чаеви.
Здружението на возачи на минибуси во Коња нуди бесплатен превоз а патнците што ќе разменат 250 долари. Возачот Сами Олгун рече дека тие се подготвени за Турција да направат сѐ што е во нивна моќ.
„Се надевам дека оваа кампања ќе биде продолжена секаде во земјата. Не смееме да ја предадеме оваа земја на грабнувачите. Ова што го правиме за нашата земја не е ништо“, истакна Олгун.
Кампањата ја поддржаа и пензионерите
Пензионираниот трговец од Караманмарас, Мехмет Агурбуз (60) ја размени својата заштеда од 5.000 долари и така го даде својот придонес за кампањата. Тој во менувачницата дојде со транспарентот на кој беше напишано: „Претседателе, не ни требаат ниту евра, ниту долари, вие ни требате. Овој народ е со вас“.
Поддршката за кампањата во Турција се шири и преку социјалните мрежи. Многубројните корисници на социјалните мрежи повикуваат на ширење на кампањата и да се информираат другите за нејзината важност.