Faruk Zorlu
30 Јануари 2021•Ажурирај: 31 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Тројца турски членови на посадата, кои го преживеаја нападот на пиратите врз товарниот брод „Моцарт“ додека пловеа по Гвинејскиот Залив кај Нигерија, рано утрово се вратија во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Четвртиот капетан Фуркан Јарен, главниот инженер Илхан Суха Татлигул и работникот во бродското машинско одделение Бахадир Јесилалан стигнаа на истанбулскиот аеродром, каде што ги изнесоа своите искуства пред јавноста.
Јарен им рече на новинарите дека во нападот му е повредена ногата. Им се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и на министерот за сообраќај и инфраструктура Адил Караислаилоглу за нивниот интерес.
„Се надевам дека и другите пријатели ќе можат да им се вратат на своите семејства што поскоро. Почнавме да чекаме помош затворајќи ги безбедносните врати. Потоа нè разделија. Не се сеќавам колку луѓе имаше. Ги однесоа нашите пријатели. Го преместивме бродот на сигурно место“, рече тој.
Додаде дека на властите им ги дале само потребните информации.
„Загубивме пријател и жал ни е“, рече Јарен и додаде дека му е драго што е повторно со своето семејство.
Татлигул рече дека во текот на нападот се заклучиле во кормиларската станица, а дека пиратите пукале кон вратите како во хорор филм.
„Со часови удиравме со чекан. Се обидувале шест, седум часа. Тогаш нашиот азербејџански колега е убиен. Паднав од високо и полесно сум повреден. Ги однесоа и останатите пријатели, а мене не можеа да ме пронајдат. Избегаа, оставајќи двајца ранети“, објасни Татлигул.
Јесилалан потсети на тажниот факт дек 15 нивни пријатели се киднапирани.
„Нема за што многу да се разговара. Не би смееле повеќе да ги вознемируваме нивните семејства ниту да потсетуваме на нивната болка“, рече Јесилалан.
Во саботниот пиратски напад, од 19 членови на посадата, 15 се киднапирани, а еден член на посадата, азербејџански државјанин, е убиен.
Товарниот брод „Моцарт“ под знаме на Либерија вплови во неделата во габонскиот Порт-Гентил, но само со тројца членови на посадата.
Во средата, компанијата „Боден шипинг“, во чија сопственост се наоѓаше бродот, соопшти дека сите 15 членови се во добра здравствена состојба и дека не добиле никакви повреди.