Tuğrul Çam
02 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција изрази надеж дека ескалирањето на насилството на протестите во Иран ќе биде спречено, и дека ќе бидат спречени и надворешните обиди на подбуцнување, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пишаното соопштение на министерството се наведува дека Турција е загрижена поради веста за страдањето на цивилите и уништувањето на јавните објекти за време на масовните протести, кои во Иран започнаа на 28 декември.
Истакнувајќи дека Иран е пријателска и братска земја на Турција, од Министерството за надворешни работи во Анкара порачаа дека придаваат голема важност во однос на зачувувањето на стабилноста и општествениот мир во соседството.
„Уверени сме дека е потребно да се спречи насилството и да се избегнат провокациите, а иранскиот претседател Хасан Рохани во тој контекст претходно порача дека народот на Иран има право на протести, но не и на кршење на законот и нанесување штета на јавните добра“, се наведува во соопштението.
Турција изрази надеж дека страстите во Иран брзо ќе се смират и дека ќе се воспостави јавен мир, како и дека ќе биде спречена подбуцнувачката реторика и надворешните фактори кои предизвикуваат ескалација на немирите.
Незадоволни со економската ситуација во Иран, демонстрантите во градот Мешхед започнаа да протестираат во четвртокот, а протестите брзо добија антивладин карактер и се проширија и во другите градови низ земјата.