Havva Kara Aydın
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
АНТАЛИЈА (АА) - Над 70.000 тукушто изведени морски желки исползија до морето од турското медитеранско крајбрежје оваа година, изјави денеска официјален претставник, јавува Anadolu Agency (AA).
„Загрозениот вид желка Caretta Caretta положува јајца на плажите во подрачјето на Белек, во турската област Анталија“, истакна Али Фуат Џанболат, претседателот на Еколошкото истражувачко друштво (EKAD).
Џанболат, заедно со 90 волонтери од пет различни земји, на плажите во оваа област беше дење и ноќе во период од три месеци, како дел од програмата за заштита на желките.
Тие ги заштитуваа областите поради размножувањето и го осигуруваа „патувањето“ на минијатурните желки до морето да мине без никакви проблеми.
„Вреди да се спомене дека волонтерите, живеејќи во шатори и монтажни куќички, остануваа цели ноќи да ги чуваат леглата на желките“, рече Џанболат.
Тој додаде дека само половина од желките од леглата можат да стигнат до морето, бидејќи поголемиот дел од нив се ловени од предатори и птици.
„Само едно или две од илјадници легла преживуваат. Положувањето многу јајца е круцијално за опстанокот на видовите со олкава стапка на изумирање.“
Џанболат нагласи дека во подрачјето на Белек во 1998 година имало 400 легла, но дека оваа бројка бележи пораст во годините потоа, благодарение на активностите на волонтерите.