Kurbani Geyik,Kadir Karakuş
08 Декември 2015•Ажурирај: 08 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Заменикот-премиер и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, во врска со поминувањето на рускиот воен брод низ Босфорот во полна воена готовност и со вооружени војници на палубата, од кои еден на рамената држел и ракетен фрлач, изјави дека споменатата случка била потполно непотребна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ова го сфативме како шоу, но сосема непотребно. Јасно е дека таа глетка беше закана по безбедноста за Турција. Меѓутоа, на ниту еден начин, не постоела ниту најмала закана, за ниту еден брод на Русија, кој поминувал низ Босфорот, која би предизвикала вакво нешто. Посакувавме тоа да не се ни случеше. Уште еднаш сакам да кажам дека тоа наликува на детско поигрување“, рече Куртулмуш.
Инаку, руски воен брод во полна воена готовност и со вооружени војници на палубата вчера помина низ Босфорот.
Куртулмуш синоќа, по состанокот на кабинетот на Владата, на новинарите им соопшти дека Турција сепак нема да биде страната која сака да ја продлабочи кризата со Русија.
„Искрено ви велам, ние нема да бидеме страната која ќе ја продлабочи кризата. Ние вложуваме напори кризата да заврши што е можно поскоро. Сепак, постојано повторувам, доколку Русија преземе одредени чекори во областа на економијата и турската страна ќе возврати со иста мера. Ние до најситни детали ќе ги разгледаме сите опции, но, кога станува збор за намерата, не сме на страната за преземање одредени мерки. Не сме ниту за тоа руската страна да преземе одредени чекори. Би сакале и ние да не дојдеме во ситуација да преземеме чекори како одговор на нивните мерки“, рече заменикот-премиер и портпарол на Владата на Република Турција.
Зборуваше и за дипломатскиот спор со Ирак чија влада повика на заминување на турските трупи од таа земја.
„Турција го почитува територијалниот интегритет на Ирак. Присуството на Турција во северниот дел на Ирак не е против централната ирачка влада. Токму спротивното, целта е да ја зајакнеме централната влада со цел обезбедување ефикасна соработка во борбата против ДАЕШ“, рече Куртулмуш.