Handan Kazancı,Fahri Aksüt
02 Септември 2020•Ажурирај: 02 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Американската одлука делумно да го укине ембаргото за оружје на кипарските Грци, која ги загрозува надежите за мир во Источниот Медитеран, е некомпактибилна со духот на сојузништвото, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката ги игнорира рамноправноста и рамнотежата меѓу двата народа на островот, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Ова дефинитивно ќе ги наруши напорите за решавање на кипарското прашање“, се додава.
Министерството нагласи дека во време на постојани напори за намалување на тензиите во Источниот Медитеран, таквата одлука донесена од САД е некомпатибилна со духот на сојузот.
„Очекуваме САД да ја преиспитаат својата одлука и да ги поддржат постојните напори за воспоставување мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, во серија твитови, потпретседателот на Турција, Фуат Октај, исто така го критикуваше потегот на САД.
„Ние како Турција ќе продолжиме да преземаме чекори за да гарантираме мир и просперитет против ваквиот пристап што ќе го зголеми ризикот од конфликт во регионот“, напиша Октај.
Турција, како земја гарант за Кипар, одлучно ќе ги преземе неопходните чекори за гарантирање на безбедноста на кипарските Турци во согласност со нејзината законска и историска одговорност, се вели од Министерството.
Турција е земја гарант за Турската Република Северен Кипар и континуирано го оспорува едностраното дупчење на кипарската администрација на Јужен Кипар во Источниот Медитеран, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар, исто така, има права на ресурсите во областа.
Во 1974 година, по пучот кој имаше за цел анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара интервенираше како земја гарант. Во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Со децении се појавуваа неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, но завршуваа со неуспех. Последниот, одржан во 2017 година во Швајцарија со учество на земјите гаранти - Турција, Грција и Велика Британија - исто така заврши без напредок.