АНКАРА (АА) - Турција денеска го поддржа повикот на Обединетите нации (ОН) за прекин на огнот во Либија, поради празникот Курбан бајрам, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Го поддржуваме повикот за примирје од страна на Гасан Саламе, специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за Либија“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Вчера либиската Влада за национално единство објави дека го прифатила повикот на ОН за прекин на огнот во главниот град Триполи.
„Ја поздравуваме одлуката на либиската Влада за национално единство што го прифати овој повик, земајќи ги предвид хуманитарните побуди“, се додава во соопштението на Министерството.
Командантот Калифа Хафтар допрва треба да се изјасни во врска со повикот за примирје.
Турското МНР, исто така, соопшти дека Турција очекува меѓународната заедница да покаже обединет и одлучен став за ова прашање.
Од почетокот на април, силите лојални на Хафтар започнаа кампања за заземање на главниот град Триполи од силите на Владата за национално единство, поддржана од ОН.
Според Светската здравствена организација (WHO), во судирите меѓу двете страни досега загинале над 1.000 лица, а околу 5.500 се повредени.
Во Либија од 2011 година владеат немири кога во востанието поддржано од НАТО беше соборен и убиен долгогодишниот либиски лидер Муамер Гадафи, по негово четиридецениско владеење.
Оттогаш, острите политички поделби во земјата доведоа до создавање на две ривалски точки на моќ, една во источниот дел на Либија, со која е поврзан Хафтар, и друга во Триполи, поддржана од Обединетите нации.