Ahmet Furkan Mercan
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција предупреди дека ниту една држава нема право да се меша во изборните процеси и изборните резултати во другите држави, јавува Anadolu Agency (AA).
На последните коментари на американскиот Стејт департмент за минатонеделните локални избори во Турција, денес одговори портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, кој порача дека Република Турција е демократска и правна држава.
Истакнувајќи дека локалните избори во Турција биле демократски, транспарентен и мирен процес, Аксој изјави дека резултатите од изборите мораат да ја покажат вистинската волја на народот и дека сите мораат да ги почитуваат сите правни и демократски процедури во тој контекст.
„Легитимитетот на изборите произлегува од волјата на народот. Врховната изборна комисија е таа која ќе ја утврди волјата на народот на гласачките места, ќе спроведе жалбени постапки и ќе ги официјализира резултатите. Ниту една држава нема право спротивно на демократските и правни начела да се меша во изборните резултати во другите земји и себеси да се смета за извор на легитимност за тие резултати“, порача Аксој.
Тој, исто така, нагласи дека недемократските пристапи и навики на некои држави не можат да ја загрозат демократската зрелост на Турција. Додаде дека со високата стапка на излезност на неделните избори, турскиот народ уште еднаш ја потврдил својата силна определеност за демократија.