Behlül Çetinkaya
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција изрази задоволство поради пресудата на Меѓународниот кривичен суд (ICC), во која се наведува дека овој суд е надлежен за истрага на злосторствата извршени на палестинска територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународниот кривичен суд вчера пресуди дека е надлежен за истражување на израелските воени злосторства на палестинските територии.
„Ја поздравуваме одлуката на МКС да има јурисдикција над палестинската територија, вклучително и Источен Ерусалим, кој е под израелска окупација од 1967 година“, соопшти турското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека ова е многу важна одлука што ќе придонесе Израел да одговара за сторените злосторства.
„Ова е значаен чекор што ќе обезбеди Израел да одговара за злосторствата што ги има сторено на палестинска територија и да се утврдат одговорните за тие злосторства.“
Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се наведува дека е многу важно меѓународната заедница да ја поддржи пресудата на Меѓународниот кривичен суд.
„Одлуката, исто така, ќе придонесе за реализацијата на Резолуцијата за заштита на палестинскиот народ, што по иницијатива на нашата земја беше усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) за време на нашето претседавање со Организацијата за исламска соработка. Поддршката на меѓународната заедница на одлуките на МКС е од голема важност за одвраќање на Израел од употреба на прекумерна и непропорционална сила кон палестинскиот народ“, се вели во соопштението.
Да потсетиме, во одлуката донесена од првостепениот оддел на МКС, беше наведено дека Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим се наоѓаат во рамките на палестинските територии што се вклучени во истражувањето.
Во одлуката е наведено дека Палестина е страна на Римскиот статут, а нејзините граници ја вклучуваат Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои се окупирани од 1967 година. Нагласено е дека Палестина е страна во Меѓународниот кривичен суд како и другите земји членки.
Во одлуката, со која Судот имаше за цел да ги утврди подрачјата што припаѓаат под негова надлежност, се наведува дека со Палестина, која ги исполнила условите за членство во МКС, ќе се постапува како и со другите земји членки. Исто така се вели дека е потврдено правото на самоопределување на палестинскиот народ и дека преговорите во Осло не ја ограничуваат надлежноста на Судот.
Застапувајќи дека Палестина треба да се смета како страна во овој случај, обвинителката на МКС, Фатоу Бенсуда, на 30 април 2020 година побара од Судот да ја изврши својата надлежност во Источен Ерусалим, Газа и на Западниот Брег. Бенсуда кон крајот на 2019 година порача дека сака да започне истрага против Израел за воените злосторства на палестинска територија.
Тогаш наведе дека е завршена прелиминарната истрага на ситуацијата во Палестина, започната во 2015 година, и порача дека е убедена дека постојат разумни причини за продолжување на истрагата. Со оглед на тоа што Израел не е земја членка на МКС, Бенсуда побара од судиите да ја утврдат географската рамка на истрагата за да може таа да продолжи.
Побара и потврда дека територијата над која Судот може да ја извршува својата надлежност и која може да биде подложена на истрага ги опфаќа Западниот Брег со Источен Ерусалим и Газа.