Cemil Murat Budak,Serdar Açıl
15 Октомври 2021•Ажурирај: 15 Октомври 2021
АНКАРА
Државното обвинителство во Анкара издаде налог за приведување на 98 припадници на терористичката организација Фетулахчи (ФЕТО), кои во рамките на ФЕТО-структурата биле инфилтрирани во турската жандармерија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државното обвинителство во Анкара подигна истрага против таканаречените „имами“ во Генералната команда на турската жандармерија, кои за терористичката организација ФЕТО биле задолжени за „приватни или лични работи“.
Потерниците се издадени за 98 осомничени, од кои 7 биле на активна должност, а 53 се отпуштени од државни институции.
Полициските тимови започнаа операција на приведување на осомничени во 45 провинции со седиште во Анкара.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетулах Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.