Ahmet Gençtürk
07 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
АНКАРА
Турските обвинители издадоа два одделни налози за приведување на 25 лица кои се сомничат за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осуммина од осомничените биле поранешни полицајци за кои се верува дека незаконски ги стекнале прашањата за испитите за унапредување во полицијата во 2009 година. Тие се товарат за фалсификување на службени документи, тешка измама и членство во вооружена терористичка организација.
Најмалку петмина осомничени се приведени, додека властите продолжуваат во потрагата по останатите осомничени.
Во одвоена истрага за инфилтрирањето на припадници на ФЕТО во јавните тела, налози за приведување се издадени за 17 јавни службеници, вклучувајќи двајца пензионирани, 12 отпуштени и тројца во активна служба обвинети за користење „БајЛок“, шифрирана апликација за пораки на ФЕТО. Тринаесет од осомничените поврзани со оваа истрага се во притвор.
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.