Turan Kazak
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
АКСАРАЈ (АА) - Заинтригиран од документарен филм за домицилното американско население и нивната шарена пченка, младиот земјоделец од турскиот град Аксарај, Халис Катман, пронајде семе и одгледува пченка која има зрна во девет различни бои, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерска екипа го посети 35-годишниот Катман во селото Инџес, кој со сопругата на имотот ја заврши првата берба шарена пченка.

Нагласувајќи дека се занимава со земјоделство и сточарство, Катман рече дека често ги следи трендовите и медиумите со цел да го унапреди својот бизнис, а само еден документарец ова лето го направи најпознат земјоделец во Турција.
„Во документарен филм за едно индијанско семејство видов како одгледува шарена пченка која датира уште од времето на Инките и Ацтеките. Бев изненаден и почнав да истражувам бидејќи многу сакам шареноликост. Јас, исто така одгледувам и кокошки кои несат шарени јајца. На крај, во Оклахома пронајдов човек кој ми испрати семиња и, ете, тука е шарената пченка“, рече Катман.
Истакнувајќи дека никој не му верувал кога велел дека ќе одгледува шарена пченка, Катман, рече дека тоа го чинело многу пари, но дека успеал.
„Стравував дали овдешната клима ќе биде адекватна, но сѐ се совпадна во вистинскиот правец. Вкусот на пченката е идентичен со вкусот на обичната жолта пченка која веќе ја имаме“, рече Катман.
Откако успеа во експериментот, Катман најави дека следната година ќе засади неколку хектари, и на пошироката јавност ќе ѝ ја направи достапна необично шарената пченка.