Barış Kılıç
10 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
АНКАРА
Турските безбедносни сили во Анкара ја фатија и ја лишија од слобода поранешната судијка Манекса Ујар која се наоѓа на црвената потерница и се обвинува за членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ујар е пронајдена и приведена во текот на претресот на еден објект во областа Пурсуклар во Анкара.
Станува збор за еден од вкупно 33 поранешни турски судии и обвинители против кои во Врховниот апелационен суд се води случајот „Ода ТВ“ (Oda TV), во кој тие се обвинуваат дека дејствувале како членови на терористичката организација ФЕТО и ги злоупотребиле правосудните функции.
Турција распиша црвени потерници за 13 пребегнати обвинети лица, меѓу кои е и Ујар, а покренат е процес за распишување на меѓународна црвена потерница.
Ујар се обвинува за уште неколку случаи на завера кои терористичката организација ФЕТО ги изведе со посредство на инфилтрирани членови во рамките на институциите на Турција.
Еден од тие случаи е и обвинението во процесот „Балјоз“ (Balyoz), во кое вкупно 50 поранешни судии и обвинители се обвинуваат за злоупотреба на службената положба, членство во вооружена терористичка организација и кршење на уставниот поредок. Обвинителството бара изрекување на доживотни и повеќегодишни затворски казни.
Тие процеси се водат во Врховниот апелационен суд на Турција, односно Јаргитај, бидејќи обвинетите во периодот на извршените дела биле судии и обвинители.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, со местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети се околу 2.200 лица.