Ayşe Yıldız
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
АНТАЛИЈА (АА) - АЈШЕ ЈИЛДИЗ -
Претседателот на градежната компанија „Хелман Јапи“, Селман Озгун, истакна дека и покрај епидемијата од коронавирусот (Ковид-19), продажбата на недвижнини е зголемена, дека во Турција странците најмногу станбени објекти купуваат во Анталија и дека од секои пет станбени објекти што се купуваат во Турција, еден се купува во Анталија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Анталија, каде што се обезбедени услуги за здрав и безбеден туризам со мерките преземени против Ковид-19, недвижнините привлекуваат внимание.
Анталија со своето море, песочните плажи, сонцето, луксузните објекти и историските градби е омилен центар за туризам. Исто така е најпосакуван град за странците кои купуваат недвижнини.
Селман Озгун, кој е исто така член на Здружението за недвижнини и инвестиции во недвижнини (GYODER), во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека и покрај епидемијата, продажбата на недвижнини е зголемена.
Нагласувајќи дека има побарувачка за станбени објекти, работни места и земјиште, Озгун рече: „Минатата година во Анталија се продадени 104.160 недвижнини. Оваа бројка во 2019 година изнесуваше 90.761. И покрај епидемијата, продажбата на недвижнини се зголеми за 15 проценти во 2020 година во споредба со претходната година.“
Озгун истакна дека во последните пет години во градот се продадени 312.977 станбени објекти.
Наведувајќи дека 19.348 станбени објекти биле купени од жени, Озгун рече дека 31.591 објект биле купени од мажи, а останатите се заеднички вложувања.
- „Доаѓаат на годишен одмор, купуваат недвижен имот и остануваат“
Наведувајќи дека странците се многу заинтересирани за Анталија, Озгун рече:
„Некои од странците кои доаѓаат на годишен одмор, купуваат недвижнини бидејќи многу ја сакаат Турција. Во Турција во последните пет години странците купија 166.381 станбен објект, најмногу во Анталија, 33.683 станбени објекти. Со овие бројки учеството на Анталија во однос на вкупниот број продадени недвижнини изнесува 20,2 проценти, така што од секои пет станбени објекти што се купуваат во Турција, еден се купува во Анталија.“
- „Анталија е најатрактивно место“
Претседателот на Трговско-индустриската комора во Анталија (ATSO), Давут Четин, истакна дека градот со својата клима, природа, историја, социјалниот живот и животниот стандард е најатрактивно место за странците.
Наведувајќи дека во меѓународните истражувања Анталија е претставена како еден од најбезбедните градови во светот, Четин рече: „И домашните жители и странците сакаат да живеат во овој прекрасен град. Во 2019 година Анталија прими 25.695 странски државјани. Некои од нив претпочитаат своите одмори да ги поминуваат во сопствените живеалишта и затоа се стекнуваат со имот.“
Наведувајќи дека Анталија ги привлекува странците со својот потенцијал за економски развој, Четин рече дека странците, покрај туризмот, инвестираат и во земјоделството, индустријата, па дури и во информатичката технологија.
Посочувајќи дека во Трговско-индустриската комора во Анталија (ATSO) се регистрирани 4.197 странци со вложен капитал, Четин нагласи: „Минатата година се регистрирани 449 странци, од Кина, Перу, Русија, Нигерија, од сите страни на светот.“
- „Странците најмногу купуваат станбени објекти“
Шереф Саглам, претседателот на Комората на агенти за недвижнини во Анталија, рече дека градот е атрактивен центар за странците.
Осврнувајќи се на фактот дека кога странците купуваат недвижен имот, потребен е експерт за продажните трансакции, Салам нагласи: „На купопродажните договори треба да се оди со официјален преведувач. Освен тоа, сите други постапки во купопродажниот процес се исти. Во градот, сите што работат со недвижнини имаат преведувачи.“