Ekip
06 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
ЕДРЕНЕ (АА) - Вчера во турската област Едрене започна 658. традиционално борење на пеливани, борачи кои се борат намачкани со масло. Борбите во Киркпинар се најмасовното натпреварување од тој вид во Турција, а постојат и посебни ритуали по кои се разликуваат од борбите во другите места, пренесува Anadolu Agency (AA).
Натпреварите некогаш беа временски неограничени и борбите траеја со часови, па дури и денови, додека еден од натпреварувачите не го фрли противникот на грб. Сега ситуацијата е поразлична, бидејќи борбите се временски ограничени, а најнеизвесните мечеви завршуваат со судиско бодување.
Баш-пеливаните, односно победниците на натпреварот во Киркпинар, особено се ценети во Турција. Оној кој трипати по ред ќе ја освои титулата на баш-пеливан станува сопственик на златен појас.
Борачите кои се борат намачкани со масло во Турција се нарекуваат пеливани, што во превод од персискиот јазик примарно означува личност која се одликува со исклучителна храброст и моторички способности.
Токму борењето од овој вид беше инспирација и за пишување на стручни трудови во Турција, во кои борењето се смета за национален спорт.
Фестивалот на борење во Кирпинар е еден од најстарите спортски настани на светот. Се одржува секоја година во областа Едрене од далечната 1362 година.