Fatih Hafız Mehmet
18 Јуни 2017•Ажурирај: 19 Јуни 2017
МАНИСА (АА) - Најмалку 590 војници во касарната на турската армија во Маниса имаа проблеми со повраќање и гадење по синоќешната вечера, а 372 војници се хоспитализирани, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за одбрана, Фирки Ишик, утринава изјави дека 72 војници се задржани во болница, и дека меѓу нив нема животно загрозени.
Во придружба на командантот на копнените сили на турската армија, генерал Зеки Чолак, министерот Ишик утрово ги посети хоспитализираните војници во државната болница во Маниса.
Гувернерот на Маниса, Мустафа Хакан, за АА изјави дека сѐ уште не може да се каже со сигурност дека војниците се отруени со храна, бидејќи истрагата е во тек.
„Ние сѐ уште не можеме официјално да кажеме која е причината за здравствените проблеми на војниците кои се хоспитализирани минатата ноќ по вечерата. Сите детали ќе се знаат по лабораториските тестови“, рече гувернерот.
Турската полиција започна истрага за случајот и минатата ноќ уапси најмалку 19 лица, меѓу кои и директорот на компанијата која ја подготвуваше и служеше вечера за вкупно 5.470 војници во Маниса.