Jeyhun Aliyev
05 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Турција денеска ја повика меѓународната заедница што поскоро да ги преземе потребните чекори за ставање крај на надворешната поддршка што му се пружа на Калифа Хафтар во Либија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Турското Министерство за надворешни работи преку соопштение најостро го осуди воздушниот напад на силите лојални на генералот Хафтар врз Военото училиште во јужниот дел на либиската престолнина Триполи. Во нападот загинаа 30 лица, претежно ученици, а 33 се повредени.
Турските власти ја повикаа меѓународната заедница итно да преземе чекори за спречување на нападите на силите на Хафтар и да обезбеди примирје во Либија.
Турција, исто така, порача дека и понатаму ќе вложува напори во рамки на солидарноста со меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија.
Хафтар на 12 декември објави дека им наредил на своите сили да започнат одлучна битка за заземање на Триполи.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш се води борба за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.
Водачот на сепаратистичките сили во источна Либија, Калифа Хафтар, во април започна напад за заземање на Триполи, кој силите на Владата на национално единство го сузбија со операцијата „Боркан ал Гадаб“.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), од почетокот на офанзивата убиени се над 1.000 лица, а најмалку 5.000 се ранети.