Tuba Şahin,Yunus Girgin
29 Јануари 2021•Ажурирај: 30 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Турската министерка за трговија, Рухсар Пекџан, изјави дека Турција ќе помогне во модернизацијата на албанската царинска управа за утврдување на ефективни, брзи и ефикасни царински процедури, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на виртуелната прва конференција за економија на Форумот на трговско-индустриската Комора Турција-Албанија, Пекџан изјави дека во согласност со барањата на царинскиот орган на Албанија, делегација од турското Министерство за трговија ќе ја посети земјата во февруари за техничка соработка.
Одлуката беше донесена на 6 јануари за време на средбата на албанскиот премиер Еди Рама со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара.
Таа нагласи дека обемот на трговска размена меѓу Турција и Албанија изнесува половина милион долари благодарение на Договорот за слободна трговија потпишан во 2008 година.
„Протоколот за ревизија на правилата за потеклото на Договорот за слободна трговија беше прифатен од страна на турскиот Парламент оваа недела“, рече Пекџан.
„Нашите компании ќе се здобијат со нови можности за набавка и процесирање во европско-медитеранската мрежа благодарение на овие обновени правила на протоколот“, нагласи Пекџан.
Министерката рече дека билатералната трговија се очекува да се подобри врз основа на избалансирана, одржлива и заедничка корист со позитивниот придонес на Договорот.
„Во овие рамки, наскоро сакаме да постигнеме обем на трговска размена од една милијарда долари“, рече таа.
Осврнувајќи се на неодамнешните економски индикатори кои ги зголемија очекувањата за брзо закрепнување на турската економија, Пекџан рече дека Турција е подготвена да ја искористи својата динамика во трговските и инвестициските врски со соседните земји.
„Нашата цел е да обезбедиме ниво на соработка достојно за нашите пријателски односи и да можеме да извршуваме многу заеднички проекти“, рече Пекџан.
Истакнувајќи дека Албанија и Турција се кандидати за членство во ЕУ, Пекџан рече дека во периодот кога пандемијата на Ковид-19 го зафати целиот свет, солидарноста и соработката што ќе ги покажат двете страни ќе стануваат сè поважни.
„Би сакала да нагласам дека сме отворени за секаков вид соработка со Албанија во однос на борбата против економскиот пад предизвикан од пандемијата“, рече Пекџан.
Нагласувајќи дека пазарната вредност на инвестициите на турските компании во Албанија е речиси една милијарда долари, Пекџан рече: „Јасно е дека постојат важни деловни можности во областа на индустријата, туризмот, земјоделските технологии и инвестициите во инфраструктурата.“
Од своја страна, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, рече дека односот помеѓу Турција и Албанија е одличен.
„Турција е пријателска земја што е со нас во најтешките моменти. За Албанија, Турција отсекогаш била стратешки партнер во регионот“, рече таа.
Истакнувајќи дека Турција е еден од најважните трговски партнери на Албанија, Денај истакна дека властите прават сѐ за да им се олеснат работите на турските инвеститори во Албанија.
„Нашата соработка се зголемува во туризмот, инфраструктурата и во многу други области. Во исто време, сакаме да ја прошириме нашата соработка во иновациите, како и во други области“, додаде таа.