Muhammet Tarhan
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека досега евакуирале 1.404 лица од Авганистан и дека 1061 од нив се државјани на Турција, а другите се државјани на различни земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу по билатералните и средбите меѓу делегациите одржа заедничка прес-конференција со уругвајскиот министер за надворешни работи, Франциско Бустиљо.
Потсетувајќи дека во Министерството на почетокот на епидемијата била формирана единица за координација и поддршка во борбата против Ковид-19, Чавушоглу рече дека по најновите случувања во Авганистан една подединица на оваа единица е адаптирана за Авганистан.
Чавушоглу, истакнувајќи дека продолжуваат со работите на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, рече дека прават напори за тесна соработка со другите релевантни институции за евакуација на турските државјани.
„Ние досега евакуиравме 1.404 лица од Авганистан. 1.061 од нив се наши граѓани, другите се државјани на различни земји“, рече Чавушоглу.
Од друга страна, истакнувајќи дека многу земји, меѓународни организации и невладини организации побарале помош од Турција при евакуацијата на нивните членови, Чавушоглу рече дека на овие земји им помогнале заедно со САД и Велика Британија.
Наведувајќи дека им пружаат рака на оние на кои им е потребна помош, Чавушоглу рече дека во Авганистан има 4.500 турски државјани и дека уште од самиот почеток телефонски разговарале со сите тие граѓани.
Потсетувајќи дека постојат компании кои имаат инвестиции во Авганистан и работници што работат таму, Чавушоглу рече: „Значителен дел од нив рекоа дека не сакаат да се вратат. Оваа бројка се менува често. Нашите граѓани најпрвин велат дека не сакаат да се вратат, потоа велат дека сакаат да се вратат.“
Наведувајќи дека има турски државјани кои формирале семејство во Авганистан и дека ја почитуваат нивната одлука, Чавушоглу рече дека на овие граѓани им се даваат потребните сугестии и предупредувања.
„Во моментов, имаме околу 200 граѓани кои сакаат да се вратат. Од друга страна, работиме напорно со меѓународната заедница за да воспоставиме стабилност во Авганистан“, нагласи Чавушоглу.
Меѓу другото, Чавушоглу додаде дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за авганистанското прашање се сретнал со лидерите на многу земји, а самиот разговарал со 24 министри за надворешни работи, меѓу кои и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Посочувајќи на важноста на соработката поради моменталната ситуација на аеродромот во Кабул и чекорите што треба да се преземат понатаму, Чавушоглу рече:
„Како Турција, ние многу јасно ги изразивме нашите размислувања на меѓународните платформи, како што се состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. Нашата надеж е мирот и стабилноста во Авганистан да бидат трајно воспоставени во рамките на демократијата и на човековите права. Ако бидат преземени чекори во оваа насока, ние, како Турција, ќе направиме сè што е во наши раце. Би сакал да кажам дека ние сме во контакт со сите страни, не само со одредена група.“