Ömer Tuğrul Çam
30 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Меморандумот за Либија во текот на денот ќе биде испратен до Парламентот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска ги информираше претседателот на Републиканската народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, и претседателката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, за Меморандумот за Либија, кој денес ќе биде испратен до Големото национално собрание на Турција.
Во изјавата за медиумите Чавушоглу рече дека ги информирал претседателите на двете партии за последната ситуација во Либија и за Меморандумот.
„Знаете, имаме Меморандум кој е пред испраќање во Собранието. Ги информиравме зошто имаме потреба од Меморандумот, за нашите национални интереси во Либија и регионот, кои се опасностите за нашите национални интереси. Од друга страна исто така ги информиравме и за нашите напори како земја која ги поддржува трајниот мир и политичкиот процес во Либија“, нагласи Чавушоглу.
Одговарајќи на прашањето за испраќањето на Меморандумот до Собранието, Чавушоглу истакна: „Ние како Министерство за надворешни работи го доставивме Меморандумот до Кабинетот на претседателот за да биде испратен до Собранието. Од Претседателството дознав дека Меморандумот во текот на денешниот ден ќе оди во Собранието со потпис на нашиот претседател.“
Тој, исто така, додаде дека средбите со лидерите на партиите, Киличдароглу и Акшенер, поминале во една пријатна атмосфера и затоа упати благодарност до нив.