Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Rabia İclal Turan
13 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Дипломатскиот форум во Анталија е фокусиран како најдобро да се искористи дипломатијата со цел елиминирање на глобалните нееднаквости, изјави шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, повикувајќи се на воведниот говор на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, известува Агенција Анадолија (АА).
На конференцијата за новинари со која е завршен Дипломатскиот форум во Анталија, Мевлут Чавушоглу рече дека претходните 4 дена на тој настан се почувствувал „пулсот на дипломатијата“. Чавушоглу додаде дека имал 67 билатерални состаноци на маргините на Форумот, а турскиот претседател Ердоган имал 11.
Според зборовите на Чавушоглу, на вториот Дипломатски форум присуствувале 600 новинари од 27 земји.
Чавушоглу истакна дека Турција ги поздравува разговорите одржани на Дипломатскиот форум во Анталија што даваат придонес за дипломатијата и дијалогот.
Тој рече дека најмалку 14.480 државјани на Турција се евакуирани од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Нагласувајќи ја потребата од прекин на огнот за хуманитарни цели и формирање коридор, вклучувајќи го и градот Мариупољ, наведе дека за тоа се разговарало на трилатералната средба што ја одржа со рускиот и украинскиот министер за надворешни работи во средата во Анталија.
Министерот за надворешни работи на Турција рече дека не е сменет ставот на оваа земја за санкциите кон Русија.
Коментирајќи го разговорот со својот ерменски колега Арарат Мирзојан, Чавушоглу рече дека ерменскиот министер ја изразил подготвеноста на Ерменија да започне мировни преговори со Азербејџан.
За односите со Авганистан, Чавушоглу изјави дека Турција не се брза да ја признае привремената управа на таа земја и дека чека, како и многу други земји, Кабул да ги преземе потребните чекори.