Meltem Bulur,Sultan Çoğalan,Enes Kanlı
02 Декември 2016•Ажурирај: 03 Декември 2016
БЕЈРУТ (АА) - Денес во Бејрут, на заедничката прес-конференција со либанскиот министер за надворешни работи Џебран Басил, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција ја поддржува стабилноста и зачувувањето на територијалниот интегритет на Либан бидејќи стабилноста на таа земја е од големо значење за целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу напомена дека во Турција престојуваат околу три милиони бегалци од Сирија и дека Сиријците пронаоѓаат засолниште во Либан, и исто така истакна дека турските и либанските власти се согласни во ставот дека е потребен итен прекин на огнот во Сирија.
„Примирјето треба итно да биде постигнато, бидејќи ситуацијата во Алепо и во Сирија во целина нѐ загрижува сите нас. Најдобро моментално решение е доставување на хуманитарна помош, прекин на огнот и продолжување на преговорите со цел да се најде политичко решение. Покрај тоа, треба да ги поразиме терористичките организации коишто ја загрозуваат безбедноста на сите нас. Мораме да развиваме заеднички стратегии за борбата против ДЕАШ, Ал Нусра и другите терористички организации. Турција е многу активна по тоа прашање“, изјави Чавушоглу.
На прашањето на новинарот, кој напомена некои претходни наводи за поддршката на Турција на ДЕАШ, Чавушоглу одговори:
„Никој не убил повеќе милитанти на ДЕАШ од Турција, во Ирак речиси илјадници, а исто така и во Сирија. Никој од нас не е поуспешен во борбата против ДЕАШ“.