Mustafa Kurt
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
АНТАЛИЈА (АА) - Во Турција денеска се одржуваат избори на кои граѓаните ја избираат локалната власт за мандат од пет години, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во придружба на неговата сопруга Хулије Чавушоглу, гласаше на избирачкото место во Анталија.
Откако го искористи правото на глас, Чавушоглу за новинарите изјави дека ова се многу важни избори за земјата, додавајќи дека е многу значајно со градовите да раководат способни и компетентни луѓе.
„Овие избори се важни за континуитетот, стабилноста и иднината на нашата земја. Граѓаните на изборите имаат можност да го одредат правецот во кој ќе се движи земјата во наредниот период. Затоа, верувам дека и сите наши граѓани го дале својот глас, водејќи се од ова размислување. Се надевам дека овие избори ќе придонесат за стабилноста на нашите градови и на државата“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека верува оти овие избори дополнително ќе ја зајакнат силата на Турција.
„Колку е државата посилна, има поголемо влијание и во надворешната политика“, рече турскиот министер за надворешни работи.
Избирачките места во источниот дел на Турција утрово беа отворени во 7:00 часот по локално време, додека избирачките места во западниот дел на државата се отворени од 8:00 до 17:00 часот.
Вкупно 12 политички партии учествуваат на изборите на кои граѓаните денеска ја избираат локалната власт со мандат од пет години. На изборите учествуваат вкупно 73 независни кандидати за функцијата градоначалник, а право на глас имаат 57 милиони граѓани.Турција ја сочинуваат вкупно 81 област, меѓу кои има 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара.
Во 30 големи градови во Турција регистрирани се 44.212.704 гласачи кои денес ќе гласаат на 142.777 избирачки места. Во преостанатите 51 град се регистрирани 12.837.077 гласачи кои гласаат на 51.851 избирачко место. Избирачките места ќе бидат отворени и во затворите низ целата земја.
Гласачите во Турција избираат градоначалници за поголемите градови, градоначалници на општини, како и градски или обласни и општински совети. Гласачите ќе ги изберат и најниските инстанци на локалната власт во Турција, односно одговорните лица на селата - мухтарите, како и советите.