Ayşe Yıldız
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
АНТАЛИЈА (AA) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавусоглу, во врска со одлуката на Парламентот на Холандија, со која тврдењата на ерменската страна во врска со настаните од 1915 година ги нарече „геноцид", порача дека оваа одлука не е обврзувачка, односно дека „геноцидот е правен, а не политички термин", јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу престојува во Анталија, каде што одговарајќи на прашањата на новинарите ја коментираше вчерашната одлука на парламентот на Кралството Холандија.
„Одлуката на холандскиот парламент не е обврзувачка. А зошто ја донесоа оваа одлука, тоа е друга приказна. Зошто е неважечка? Геноцидот е еден правен, а не политички термин. Дефиницијата за ова е многу јасна. ОН јасно пропиша како да се утврди дали некаде е извршен геноцид", истакна Чавушоглу.
Коментирајќи во врска со тоа зошто Холандија сега ја донесе оваа одлука, односно зошто се одлучи на овој популизам, Чавушоглу рече како тоа е всушност рефлексија на растечкиот расизам, на туркофобијата и исламофобијата во Европа.
Потсетувајќи дека тензиите во односите меѓу неговата земја и Холандија дошле и непосредно пред последниот референдум што се одржа во Турција, Чавушоглу додаде:
„Холандија, ако сака да ги подобри односите со Tурција, наместо да се занимава со едноставни нешта кои немаат законска обврска, подобро би било да размислува за тоа како да се придобие една земја како Турција"
Парламентот на Холандија тврдењата на ерменската страна во врска со настаните од 1915 година ги нарече „геноцид".
Предлог одлуката со која тврдењата на ерменската страна во врска со настаните од 1915 година ги нарекуваат „геноцид врз Ерменците", ја прифатија 142 пратеници, додека тројца пратеници гласаа против.
Против предлогот гласаа само пратениците на партијата ДЕНК, која ги штити малцинските муслимански и турски заедници во таа земјата.
Предлогот за ова прашање пред парламентот го изнесе Џоел Вурдевинд, пратеник на партијата Христијанска унија (ChristenUnie).
Потсетуваме, настаните од 1915 година се случија за време на Првата светска војна, кога дел од ерменското население кое живееше во Османлиско царство, им се приклучи на Русите кои упаднаа на територијата и се побунија. Овие настани се предмет на спор помеѓу Ерменија и Турција.
Ерменското лоби на меѓународната сцена работи на собирање поддршка дека Ерменците тогаш биле жртви на „геноцид", додека Турција смета дека оценката за карактерот на тие случувања треба да дадат историчарите, а голем број од нив не се согласуваат со тврдењата на проерменските кругови.