Burak Dağ
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
АНКАРА (АА) - Украина и Русија најавија дека за една или две недели би можеле да одржат состанок на високо ниво, изјави денеска министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, додека Анкара по дипломатски пат ги предводи напорите за ставање крај на војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во интервју за телевизијата „А Хабер“ рече дека Турција би сакала да биде домаќин на состанокот на ниво на министри за надворешни работи и лидерите на државите.
Осврнувајќи се на потенцијалната улога на Турција како држава гарант за Мировниот договор помеѓу Украина и Русија, Чавушоглу рече дека преземањето на таа улога не значи влегување во војна.
Руската и украинската делегација се сретнаа во вторникот на мировни преговори во Истанбул, откако помина еден месец од војната, а бројот на жртвите секојдневно расте.
Украинскиот преговарач Давид Арахамија рече дека бараат меѓународен договор, во кој земјите, вклучително Турција, Германија, Канада, Италија, Полска и Израел ќе бидат држави гаранти.
Турција доби многу пофалби за своите напори да стави крај на војната, во што помогна нејзината позиција на пријателски односи и со Русија и со Украина.
Земјата на 10 март беше домаќин на рускиот и украинскиот министер за надворешни работи во Анталија, што беше состанок на највисоко ниво на двете страни од почетокот на војната на 24 февруари.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.189 цивили, а 1.901 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.